„Словенија ќе ни каже како понатаму, прво место или едвај пласман во втора фаза!“

Македонските ракометари го почнуваат Европското првенство во Хрватска со големи мотиви, со желба да ги обноват убавите спомени од СП 2009 исто така во Хрватска и од ЕП 2012 од Србија. И сега, како и тогаш, илјадници Македонци ќе дојдат да ги бодрат своите миленици, а тогаш е најлесно да се игра.

Играчите внимаваат и не се залетуваат со најави за високи пласмани или некакви медали, а единствена причина за тоа е мечот со Словенија. Да помине тој и ќе ни се разбистри сликата. Филип Миркуловски потсети дека Словенците не ни се баш најпогоден противник, но тоа ќе биде само мотивација плус за нашите момци.

„Многу важен натпревар, не само што е отворање на Европското првенство, туку со овој натпревар ќе го видиме и понатамошниот тек на нашите амбиции. Доколку победиме можеме да играме и за прво место во групата, а доколку загубиме ќе мора да се задоволиме само со пласман понатаму, ако тоа воопшто ни се случи. Имаме големи мотиви и негативен скор против Словенија, но ова е друго е Европско првенство, друго натпреварување. Ќе дадеме максимум од себе и се надевам на позитивен резултат“, вели искусниот плејмејкер на македонската репрезентација.

Натпреварот со Словенија се игра вечерва во 19.30 часот, а тие влегуваат како јасни фаворити, откако на СП во Франција, минатиот јануари, стигнаа до бронзен медал. И на тоа натпреварување игравме во иста група, а Словенците нѐ декласираа со 29-22.