Словенците бесни: Им плаќате на ЕХФ, а тие нас нѐ крадат!

Словенците дерман не видоа од судиите на ова Европско ракометно првенство, а за да биде иронијата поголема, еден од шесте главни спонзори на ЕХФ е – словенечки Горење. Медиумите од оваа земја веќе излегоа со наслови „Горење плаќа, а ЕХФ нè ограбува“ и побараа поддршка од компанијата.

Медиумите во Словенија се обратија до Горење за став, дури и за потенцијална реакција кон ЕХФ за драмата која ја доживуваат, меѓутоа од Горење не потрчале во прегратка на ракометарите, туку се држеле до она што има економска смисла.

„Уверени сме дека сите спортисти, поради одрекувањата, напорната работа и мисија, ја заслужуваат нашата и вашата поддршка. Ќе продолжиме да ги славиме победите со нив и да ги поддржуваме во најтешките порази, бидејќи ги имаме истите вредности и истиот спортски дух“, им се обратил „Горење“ на медиумите.

Во соопштението објасниле како тие се еден спонзорите со кои ЕХФ ги брендира сите свои настани и кои претставуваат ексклузивни партнери во цела Европа, кога се во прашање апаратите за домаќинство.

Тоа што нема да преземат никаков потег и нема да реагираат кај ЕХФ, словенечките медиуми лесно го објаснуваат – Германија е многу поважен пазар за Горење од Словенија. Згора на тоа, само мнозинскиот акционер, „Капиталска дружба“ (16,37%) е домашен сопственички партнер, а останатите девет биле од странство.

Оттука јасно е дека, поради очигледни економски причини, Горење нема да си ја сече гранката на којашто седи „само“ поради ракометната репрезентација. Компанијата потпиша ексклузивен спонзорски договор во јуни 2017 година, во трајност од три години. ЕХФ ја држи во тајност сумата којашто ја добива, но неофицијално, таа изнесувала повеќе од пола милион евра.