Симовски: Резултатот изгледа бомбастично, но не е така!

Македонија одигра добар натпревар против Чешка или, да бидеме попрецизни, добри 40-тина минути, а потоа дозволи резултатот да замине во зоната „убедливо“.

Поразот од 29-37 не открива дека бевме рамноправни со Чехинките долго време и дека имавме егал на паузата, 14-14. Токму тоа го истакна селекторот Симе Симовски по натпреварот, велејќи дека поразот е заслужен, но не со олкава разлика.

„Триумфот е заслужен, но резултатот е малку превисок и тоа не е мерило. Навидум резултатот изгледа бомбастично, но не е така. Работевме за овој меч, ја подмладивме репрезентацијата и гледаме друг проект кој ќе следи во наредните години. Им се дава шансата на помладите што треба да го носат товарот во иднина. Игравме дисциплинирано 40 минути, направивме потоа грешки во напад кои Чешка ги казни со полуконтри и контри. Во напад исто така падна концентрацијата во последните десет минути и затоа резултатот е таков каков што е. Имавме делумни проблеми со нивната одбрана 5-1, не реализиравме и зицери, но од оваа ситуација треба да излеземе со поука и да излеземе како победници во друга ситуација“, изјави Симовски.

Следниот меч Македонија го игра на гости кај Португалија, на крајот на март.