„Секој може против секого во нашата група - ќе биде неизвесно в понеделник!“

Непреболениот миленик на скопската публика, Лука Циндриќ, беше еден од клучните играчи во победата на Хрватска против Исланд со 31-27. Вели дека очекува да биде тешко и до крајот на групната фаза.

Плејмејкерот на Хрватска вели дека очекувале да биде тешко со Исланд, но среќен е што успеаја да издржат докрај и да победат.

„Очекувавме вака тежок натпревар, Исланд е многу силна репрезентација и се подготвувавме за нив, пред се за Палмарсон и ете успеавме да победиме, сега се фокусираме за понатаму“, вели Циндриќ, кој денеска придонесе со шест гола.

Оваа победа ќе им даде самодоверба за понатаму, а до понеделник, кога играат со Македонија, имаат уште една шанса за два бода, против Јапонија. Има ли Македонија капацитет да им се закани ним?

„Се е можно, ова Светско првенство уште сега покажува дека е неизвесен секој натпревар и дека нема фаворити. Ако влезете малку послабо, противникот може да ве изненади. Би нагласил дека секој секого може да победи во нашата група, затоа мислам дека ќе биде неизвесно и во понеделник“, смета Циндриќ.