Сега математиката е проста: Реми и пораз со Исланд значат 13.-16. место на СП!

Целото Светско првенство во ракомет, за нас се сведе на еден натпревар - вечерва против Исланд од 18 часот. За разлика од некои други првенства, овој пат нема калкулации и математики, мисијата е јасна - победа ако сакаме пласман во топ-12.

Имаше опции да биде поинаку, но резултатите од вчерашното, претпоследно коло во групата во Минхен направија да биде едноставно. Со победа, Македонија ќе го освои третото место и ќе се пласира во главната рунда. Со нерешено или со победа на Исланѓаните, тие продолжуваат понатаму. Ремито го тргнавме како поволна опција затоа што загубивме високо и од Шпанија и од Хрватска, па си ја расипавме гол-разликата, која би била пресудна во случај на нерешено со Исланѓаните.

Не е дека оваа висока негативна гол-разлика нема да ни штети, макар и да се пласираме во главната рунда зашто ќе дојде ред кога и таа ќе остави последица. Сепак, засега е доволно поднослива цена за да имаме свежа прва постава против Исланд. 

За разлика од третото место, кое нѐ води во топ-12 и ни носи уште три нови меча (Франција, Германија и најверојатно Бразил), пораз или реми со Исланд ќе значи натпревар против четвртопласираниот тим од групата во Берлин (највероатно Русија), за освојување на, најмалку, 14 место на конечниот пласман на СП. За да го освоиме 13-тото, ќе треба да извојуваме и втора победа, против победникот од дуелот на четвртопласираните од Хернинг и Копенхаген (најверојатно Чиле и Катар/Аргентина).