Савевски соопшти список со 19 ракометарки, без Ѓорѓиевска

Од 22 ноември почнува женската ЕХФ-недела, со која репрезентациите учеснички на Светското првенство во Шпанија (2-19 декември) официјално ќе ги почнат подготовките. Македонија не учествува на тој Мундијал, иако има статус на прва резерва, во случај некој да се откаже, но и без тоа, селекторот Љубомир Савевски ќе го продолжи процесот на градење на репрезентацијата.

По тој повод, Савевски денеска соопшти список со 19 ракометарки, на кои ќе смета во ЕХФ-неделата, плус девет резерви, во случај да се потребни промени. На списокот ја нема капитенката Елена Ѓорѓиевска, која е повредена, а има неколку повратнички.

За време на ЕХФ неделата Македонија ќе одигра два контролни натпревара против репрезентацијата на Србија во Стара Пазова, закажани за 27 и 29 ноември. Ова е втора ваква акција, откако минатиот месец одигравме два меча со Црна Гора, во рамки на т.н. Евро-куп и загубивме со 21-29 во Скопје и 30-31 во Никшиќ.

Собирот е закажан за в понеделник, на 22 ноември.