Кадетската ракометна репрезентација на Македонија на пред два дена го освои ЕХФ-шампионатот во Рига, Летонија, откако славеше со 24-22 во финалето против Швајцарија, а денеска македонските херои се сретнаа со претседателот на ракометната федерација на Македонија, Живко Мукаетов.

Мукаетов кажа дека цела Македонија е горда на македонските кадети на кои им претстои светла иднина, а исто така кажа дека РФМ ќе побара од Управниот одбор да биде доделена награда за ракометарите од 700.000 денари.

„Голема чест, голема работа, горди сме на вас што ја вративме Македобија, ви претстои светла иднина, но многу да работите, заедно да градиме успех, ова е светска работа и многу сум благодарен... Ние сме тука за вас да работиме како федерација, да градиме успешна приказна. Ракометот е спорт број 1 во Македонија и да продолжиме да работиме. РФМ ќе побара од УО ракометарите да бидат наградени со 700.000 денари награда“, кажа Мукаетов.

Ракометарите со триумфот на ЕХФ-шампионатот обезбедија и место на Европското првенство (ЕП) за младинци во 2024 година, но и на Светското кадетско првенство, кое ќе се одржи идната година.