Раул: Подготвивме нешто конкретно за Словенците!

Помина времето за ковање тактики, сега треба само фокусирано да се спроведат на терен. Раул Гонзалес им кажа што имаше да им каже на ракометарите и утре претпладне им останува последниот тренниг пред мечот во 19.30 часот.

Од Загреб, ВЛАДКО АРСОВ

Останува уште гледање видео попладнево наместо тренинг, но ракометарите веќе добро знаат со кого ќе имаат работа утревечер. Со Словенците последно игравме пред неполни 12 месеци, па тешко е дека некој некого може да изненади. Сепак, Раул вели дека се обиделе да подготват нешто ново.

„Овие две репрезентации играле многу пати меѓу себе, сите знаеме кој игра на другата страна и повеќе или помалку се знае сè, е сега ние спремивме нешто конкретно за Словенците, но сигурно и тие подготвиле нешто за нас. Ќе видиме, треба само да почне натпреварот. Ќе биде тешко зашто Словенија е бронзена репрезентација од последното Светско првенство. Првиот натпревар секогаш е тежок, бидејќи има многу притисок. Треба да одиграме многу добро ако сакаме успех, бидејќи Словенија има одлична одбрана, добар контрапад. Впрочем, ова е Европско првенство, нема слаба репрезентација“, вели Раул.

Не сакаше да открие кои 16 ракометари ќе влезат во утрешниот записник, но важно е дека сите се здрави и тренираа утрово во Арена. По сабота, в понеделник играме со Црна Гора, а в среда со Германија. Само четвртопласираната репрезентација од групата не продолжува во следна фаза.