Раул: Не ми требаат натпревари, сега подобро е да тренираме!

Раул Гонзалес го одржа првиот тренинг со репрезентацијата во оваа ЕХФ-недела, попречен од неколку повреди на репрезентативците, но опуштен од фактот што нема натпревари кои би правеле притисок.

Можеби е малку чудна определбата да се подготвуваме без да побараме противник за спаринг, но ако се разгледа кратката историја на Раул Гонзалес на клупата на Македонија потегот е логичен. Тренерот на Вардар, откако стана селектор имаше четири натпревари и по два-три дена пред секој од нив што претставуваше премалку за подготовка на тие средби, камо ли за некакво запознавање со ракометарите.

„Јас не сакам да имаме натпревар, бидејќи преферирам да се подготвуваме отколку да играме натпревар. Сакам да бидеме добро подготвени за ЕП, затоа повеќе сакам да тренирам, отколку да играме натпревари, бидејќи кога има натпревари се фокусираш на противникот и не можеш многу да се воиграш. Затоа, мислам дека вака е подобро за сите. Сега имаме време и немаме притисок. Кога играш, мислиш само да победиш и не можеш нешто кој знае што да смилиш. Затоа очекувамдека оваа недела ќе биде многу добра за нас.“, објасни Раул на денешниот собир во хотелот „Александар Палас“ на кој недостигаа неколку ракометари.

Немања Прибак се приклучува нешто подоцна, а повредени се Кире Лазаров, Ацо Јоноски, Филип Кузмановски и полесно Стојанче Стоилов и Филип Талески. Тоа ќе ја кочи работата, но Раул ќе тренира со тие што ги има. Важно му е да ја среди одбраната и пред сѐ, ракометарите да ја сфатат неговата философија.

„Сите сакам да знаат како треба да функционира одбраната и после само да го учиме тоа. Многу ни пречи тоа што имаме повредени играчи. Јоноски е повреден, Лазаров исто така, Кузмановски, Столе не знам како е, со Вардар не играше, веројатно од угре ќе почне да тренира. Не сакам да се подготвуваме нешто конкретно сега, туку да работиме на нашата одбрана и 6-0 и да научиме да браниме 5-1. Сега го немаме Влатко Митков, на пример и ќе треба да менуваме“, додаде Раул.

Идејата е да одржат десетина-дванаесет квалитетни тренинзи, во „Кале“ (секој ден во 10 и во 18), со кои би надоместиле за целото време кое недостасуваше од март наваму. Раул потенцираше дека и ракометарите кои не се на овој список од 21 имаат еднакви шанси за ЕП во Хрватска и дека ова е само една проверка. За главните подготовки пред шампионатот планира само две пријателски и тоа по Нова Година.

Македонија ќе игра на ЕП во групата во Загреб, заедно со Германија, Црна Гора и со Словенија.