Раул: Малку го заборавив македонскиот јазик, треба да си повторам!

Македонската ракометна репрезентација се собра пред почетокот на квалификацискиот циклус за ЕП 2020, а првпат по неколку месеци во Скопје се врати Раул Гонзалес. Првпат само како селектор на Македонија, а не и тренер на Вардар, најомилениот Шпанец во нашата земја ќе ги поведе ракометарите во планираните победи со Турција в четврток и со Грција в недела.

Македонија како ретко кога отвора еден квалификациски циклус како класичен фаворит, не само против еден, туку против двата противника на стартот. Раул не милува да истакнува дека е посилен, па и овој пат со претпазливост ги најави дуелите со Турција и со Грција.

„Јас знам дека ние сме фаворити, но мислам дека треба да заборавиме на тоа, да се фокусираме на натпреварот и да имаме почит. Да се спремаме како да играме против најголема екипа. Знам дека сега играме дома и сите очекуваат дека треба да победиме лесно. Ама треба да одиграме. Да го одиграме првиот натпревар па потоа ќе видиме. Јас очекувам тежок натпреавар, мора да се подготвиме добро“, изјави Раул.

Ќе тренира со 20 ракометари деновиве, а од среда во Битола. Не направи некаков драстичен рез и подмладување, сепак, има неколку имиња кои ќе очекуваат поголема минутажа во отсуство на некои поотсутни, како на пример, Филип Миркуловски.

„Имаме неколку нови играчи, сега Миркуловски не е тука, па мислам дека ќе има шанса за сите. Јас сум задоволен со играчите што ги имаме, а тие повеќе или помалку знаат како треба да играме“, додаде селекторот.

За промена, националниот тим ќе се претстави не во Скопје, туку во Битола. Најракометниот град првпат по 15 години ќе има можност да ги гледа репрезентативците во живо и тоа, веројатно, ветува полна сала „Боро Чурлевски“. Раул играше таму со Вардар во домашната Суперлига и во Купот, но вели дека слушнал оти атмосферата за репрезентација е особено жестока.

„Не сме во Скопје, ама играме повторно во Македонија. Јас мислам дека кога игра репрезентација цела Македонија треба да гледа. Сега играме во Битола, знам дека таму го сакаат ракометот и дека ќе имаме голема поддршка“, истакна Раул.

Првпат откако ѝ стана познат на јавноста работи надвор од Македонија, како тренер на ПСЖ. Сите ги освои со посветеноста и со брзото совладување на македонскиот јазик, арно ама секојдневието во Франција си го прави своето, па призна дека ќе мора да си ги повтори лекциите.

„Различно е затоа што треба да патувам и да тргнам порано. Кога бев во Вардар беше лесно, сега ми е потешко. Исто така, малку треба да си го повторам македонскиот јазик, малку ми е потешко сега. Инаку јас поминав убави четири години овде и сега сум среќен што можам на кратко да доаѓам и да уживам“, кажа задоволно селекторот.