Ракометните кадети ја добија ветената премија

Ракометната федерација на Македонија го исполнила ветувањето и ја исплатила премијата за машката репрезентација до 18 години, која го освои првото место на ЕХФ-шампионатот во Летонија, ова лето.

По остварениот успех, управниот одбор на РФМ го усвои предлогот на претседателот Живко Мукаетов за премија од 700.000 денари, кои треба да претставуваат поттик и за ракометарите и за стручниот штаб предводен од Раде Стојановиќ. 

„По претходно донесена одлука на Управниот Одбор, денеска Ракометната Федерација на Македонија ја исплати паричната награда во вкупна вредност од 700.000 денари за машката кадетска ракометна репрезентација и членовите на стручниот штаб за освоено прво место на EHF Championship М18 Latvia 2022 во Рига, како и за обезбедување пласман на М20 EHF EURO 2024 и обезбедено учество на MU19 WCH 2023 во Р.Хрватска“, пишува во соопштението на РФМ.

Македонија одигра три меча во групната фаза во Рига, полуфинале и финале и на сите пет оствари победа.