Македонската женска ракометна репрезентација загуби и вториот пријателски меч со вториот состав на Норвешка (27-37), што е далеку поубедливо од пресметката пред неколку дена исто така во Скопје, кога гостинките триумфираа со гол буквално во последната секунда.

Жолто-црвените се држеа колку што можат само во првото полувреме, во кое не дозволивме противничките да се одлепат, па тие на одмор заминаа само со два гола позитива (16-14), откако претходно имавме и 10-10. Но, во продолжението работите дојдоа на свое место, иако мора да се напомене дека селекторот Љубомир Савевски во овој дел експериментираше и со ракометарките од клупата, со цел да осетат дел од атмосферата на паркетот.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Дабевска со пет, како и Ристовска, Гичевска и Јанеска со по четири погодоци, а голманката Мицевска забележа пет одбрани. Кај Норвешка се истакна Кристина Новак со девет гола.