Ракометарките ја совладаа Италија за крај на турнеата во Турција

Женската ракометна репрезентација на Македонија со победа против Италија ја заврши турнеата во Турција.

Иако преполовена, без неколку интернационалки, Македонија ја совлада Италија со 29-24 во одлично второ полувреме.

Во првиот дел избраничките на Симе Симовски губеа со 13-15, но со одлична одбрана во второто направија пресврт до комотна победа.

Сара Ристовска и Елена Ливриниќ беа најефикасни со по шест гола, Теодора Керамичиева постигна пет. Ова беше трет натпревар, по ремито и поразот од репрезентацијата на Турција.

Сега црвено-жолтата експедиција ќе се враќа веднаш назад, за утрешниот прв официјален собир, во 18.30 во „Кале“.

Се очекува да се приклучат и ракометарките кои играат во странство и полека да се комплетира тимот пред почетокот на евро-квалификациите. В четврток ѝ гостуваме на Шведска, в недела ја пречекуваме Србија.