Ракометарите со пораз од Турција ги почнаа Медитеранските игри

Македонската ракометна медитеранска селекција со пораз го започна настапот на овие Игри, кои вчера беа официјално отворени, откако денеска во воведниот меч загубија од Турција со 26-29.

Селекцијата која ја предводи помошникот на Раул Гонзалез во македонската селекција, Роберто Гарсија Парондо во најголем дел од мечто беше во негатива, која почна со серијата на Турците со 3-0 по водството на Македонија со 6-5. И таа негатива од два гола постојано тлееше до крајот на полувремето (13-15), а лошиот почеток на вториот дел ги одведе на минус пет (13-18), по што македонските ракометари до крајот сè што направија беше со серија од 3-0 да се приближат на достижните два гола (16-18), но немаа сила за пресврт.

До крајот Турците ја одржуваа предноста, на десет минути до крајот имаа четири позитива (20-24), а Македонија само уште еднаш успеа да стигне на два гола негатива и тука застана за на крајот Турците да се радуваат на победата со 29-26

Мартин Поповски и Филип Кузнамовски со по седум гола беа најефикасни, а Мартин Велковски со пет беше единствена сериозна поддршка на овој двоец. Дорук Пехливан со десет гола беше незапирлив кај турскиот тим и најдобар стрелец на мечот.

Следен меч на машката селекција на овие Медитерански игри е утре од 16.30 часот против Египет.