ПСЖ не „попушти“: Лазаров се пензионира без уште еден трофеј!

Македонската ракометна легенда, Кирил Лазаров, вечерва и дефинитивно стави крај на играчката кариера, откако го одигра последниот натпревар во дресот на Нант без да си ја исполни желбата да се пензионира со уште еден трофеј.

Неговиот тим загуби од ПСЖ (31-36) во финалето од Купот на Франција, во меч во кој победникот беше решен уште во првото полувреме кое „светците“ го добија со 18-13.

„ПСЖ заслужено победи, тоа е квалитетен тим, а згора на тоа и беа одморени и добро се подготвија за овој дуел бидејќи имаа доволно време, додека ние се боревме за второто место. Ова ми е последен меч во кариерата и жалам што со Нант не освоив пехар. Горд сум на сѐ што остварив низ годините, чест ми беше што играв за овој клуб, но и генерално во Франција“, изјави Лазаров по последниот меч.

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња останува во овој спорт и тоа како селектор на Македонија, а најави дека наскоро сака и да биде тренер на некој клуб.