Познат е распоредот на Македонија во главната фаза, почнуваме в среда

Не само што ги знаеме противниците и бодовната состојба на новоформираната група на Македонија, во главната фаза од првенството, туку предвидени се и термините за трите нови средби.

Според распоредот објавен на официјалната страница на Светското првенство, Македонија ќе ја почне втората фаза в среда, против второпласираната од групата Х, Словенија. Вториот меч го играме в петок, против Русија, а ќе затвориме в недела против Белорусите.

Засега пишува дека сите три натпревари на Македонија се играат од 20 часот и 30 минути, но со оглед дека во нашата група игра домаќинот, Египет, нема да биде чудно ако ова да биде променето.

Во новоформираната група, Шведска води со четири бода, Русија има три, Египет и Словенија по два, Белорусија еден, а Македонија е последна без ниеден пренесен бод. Првите две места ќе продолжат во четвртфиналето.