Почеток за мерак: Против Јапонија ќе „свират“ судии - пријатели на Македонија!

Македонската ракометна репрезентација е фаворит против Јапонија, на стартот од Светското ракометно првенство во Данска и во Германија, меѓутоа како дополнителна поволност дојде информацијата за судиите на овој меч.

Правдата ќе ја делат нам познатите Вацлав Хорачек и Јиржи Новотни од Чешка.  За сите што следат ракомет малку попосветено, оваа судиска двојка е звучна, позната и питома на уво. 

Причина за тоа се важните победи и поволните резултат кои Македонија и Вардар ги имаат остварено под нивното свирче. Тоа се луѓето кои го раководеа инфаркт-натпреварот меѓу Вардар и Барселона во Келн минатиот јуни и кои свирнаа за победа по голот на Лука Циндриќ во последните секунди.

Хорачек и Новотни ни се пријатели и од претходно, во 2016 година, на ЕП во Полска судеа на клучниот меч меѓу Македонија и Србија, кога Дејан Манасков погоди со звукот на сирената за реми и пласман на нашата репрезентација во втората рунда од првенството.

На крај, тие беа луѓето кои предизвикаа вулкан од задоволство во април минатата година, кога Вардар загуби од Кил, но се пласира на Ф4-турнирот во Келн.

И од овој Мундијал дел е македонската двојка, Славе Николов - Ѓорѓи Начевски, кои ќе отворат со дуелот Египет - Шведска, во Копенхаген.

 

ПОСЛЕДНИ НАТПРЕВАРИ НА КОИ СУДЕЛЕ ХОРАЧЕК/НОВОТНИ

3 ноември Вардар - Мешков Брест 30-23

29 април Вардар - Кил 27-28

3 јуни 2017 Вардар – Барселона 26-25

26 ноември 2016 Вардар – Рајн-Некар 26-29

26 март 2016 Вардар – Висла 25-24

19 јануари 2016 Македонија – Србија 27-27

14 ноември 2015 Барселона – Вардар 31-30

12 октомври 2014 Вардар – Рајн-Некар 28-25

15 јуни 2014 Македонија – Грција 35-23

30 март 2014 Колдинг – Металург 26-30

20 јануари 2014 Македонија – Исланд 27-29

21 септември 2013 Вардар – Барселона 29-29

9 октомври 2011 Санкт Петербург – Металург 25-25