Пешевски: Македонија ќе станува сè подобра како тече првенството!

Првата победа во Египет ги окуражи македонските ракометари и им даде доза самодоверба, која ќе им биде и тоа како потребна во главната фаза, против Словенија, Русија и против Белорусија. Тие се задоволни од вечерашниот натпревар и веруваат дека ќе играат подобро и подобро.

Еден од најдобрите во нашите редови денеска, Жарко Пешевски, истакна дека нашата форма ќе се крева со секој нареден натпревар.

„Одигравме добро против Чиле, репрезентација за која се подготвувавме пред СП. Нашата форма ќе станува подобра како се развива првенството, сега не очекуваат три тешки меча против Белорусија, Словенија и против Русија. Сакаме и со нив да одиграме добро и решени сме да стигнеме што е можно подалеку“, рече Пешевски, кој беше стрелец на пет гола.

Уште еден македонски херој беше Никола Митревски, со 14 одбрани.

„Мора да се подобриме за следните натпревари и да го дадеме најдоброто од нас. Одигравме добро, во исклучително тежок меч, сакам да им честитам на соиграчите за победата. Да се надеваме дека ќе продолжиме вака и во главната фаза“, истакна голманот.