Пешевски: Бахреин шансата ќе ја бара токму со нас

Пикерот на македонската ракометна репрезентација, Жарко Пешевски, пред утрешниот меч со Бахреин вели дека дуелот нема да биде ист како средбата со Јапонија.

„За дуелот со Јапонија имавме доволно време да се подготвиме, сега за дуелот со Бахреин ке биде малку потешко. Немаме доволно време, но такво е ова првенство, краток е периодот, имаме само еден тренинг пред мечот, недоволно време за видео-анализа. Но, ние сепак во дуелот ќе влеземе максимално подготвени“, вели Пешевски.

Ракометарот на Мотор Запорожје е свесен дека Бахреин ја бара шансата токму против нас.

„Бахреин не нѐ гледа со исти очи како што ја гледаа Шпанија, но ние ќе направиме да им биде уште потешко. Тие секако ја гледаат нивната шанса токму со нас. Но, Македонија на првиот меч се покажа во поинакво светло, дадовме 38 гола иако имавме мали проблеми во одбраната. Ние сигурно ќе дадеме сѐ од себе да се поправиме и да славиме и утре“, додаде пикерот на А-тимот.