Одбраната ни е решето, крилата фенерџии, но пикерите - светски вицешампиони!

Статистиката можеби не е секогаш најреалниот сликар на случувањата на теренот, но многу отворено и јано знае да покаже некои слабости и да истакне некои добри страни. По настапот на Македонија на Светското првенство во ракомет, многу бројки стојат во описот на нашата игра, но издвојуваме неколку, кои посилно паѓаат во очи.

Главниот проблем на ова првенство за Македонија беше одбраната и затоа не е изненадување податокот што сме една од репрезентациите кои примија најмногу голови. Примивме три гола повеќе од што дадовме, 224 на седумте меча или точно 32 по натпревар, што ја става Македонија на 25. место меѓу сите учесници. Повеќе голови од нас пирмиле Уругвај, Алжир и Кореја, кои се зад нас на конечниот пласман, но ако се гледа просекот исто така и Иран, Белгија и Зеленортската Република, кои се пласираа во главната рунда и котираат повисоко од нас.

Во слична  насока се и заклучоците за нашите голмани, кои имаат вкупен, заеднички процент од 24 отсто успешни интервенции и подобри се само од колегите од пет други репрезентации. Меѓутоа, само еден примерок од натпреварите ќе стави јасно до знаење дека голманите имаат малцинска вина во примањето голови. Одбраната не само што е меѓу последните според бројот на примените голови, туку се наоѓа на дното и според дозволени удари на противниците. Вкупно 294 пати шутнале кон нашиот гол, што претставува просек од 42 по натпревар и тоа е исто така меѓу последните на Мундијалот. Уште еден симптом на одбраната е малиот број блокирани удари. На седумте меча имаме само пет блока, што е брутално ниско и полоши од нас се само пет репрезентации. 

Нападот беше малку посветла точка од одбраната, иако и во него имаше видни недостатоци. Една хронична болка, која ни се провлекува низ годините се загубените топки. На ова првенство забележавме 86 технички грешки, што значи 12 по натпревар. Номинално, само пет репрезентации направиле повќее грешки во нападот од нас, а гледано според просек уште три се послаби од нас.

Меѓутоа, оние напади што завршиле со шут кон гол нудат позитивен знак и охрабруваат. На минатото Европско првенство реализацијата ни беше сериозен проблем, а сега ја кренавме на пристојни 67 проценти од упатените удари. Колку добар процент е тоа кажува фактот дека само шест селекции имаат преку 70 отсто реализација (Хрватска, Данска, Исланд, Словенија, Србија и Шведска) , а пред нас е уште и Германија, со 68 отсто.

Најголема заслуга за овој ефект имаат ударите од шест метри, според кои сме „светски вицешампиони“ досега. Се разбира, се само удари на пикерите, туку овде влегуваат и удвојувања од крилата или влезови на бековите, но сите заедно постигнале 81 гол (од нашите 221) од 113 удари. Тоа е реализација од 72 %, послаба само од Хрватска, која има 74. Наспроти тоа, ужасна е реализацијата на Македонија од крила, со само 14 гола од 34 обиди или 41 отсто, што е најслаб ефект од сите крила на Мундијалот.

Што се однесува до индивидуалната статистика , Филип Кузмановски е нашиот прв стрелец со 37 гола и до овој момент осми на првенството. Талески постигна 27, Манасков и Костески се преостанатите двајца со преку дваесет, 24 и 23 соодветно. За пофалба е Костадин Петров, кој во своето деби на големите собири остана единствениот наш ракометар без промашување со 11 гола од 11 обиди (не сметајќи го 1/1 на Никола Митревски). Околу безгрешноста има што да се пофали и Дејан Манасков, кој не утна од пенал и со 14/14 е најефикасниот пеналџија на првенството, меѓу оние со стопроцентен ефект. Впрочем, Македонија беше единствената селекција без промашен пенал до вчерашниот дуел со Јужна Кореја, со 17/17, но трите промашувања го расипаа тој ореол и застанавме на 21/24.