Нов тренд во подготовките за ЕП - нема тренинзи во Македонија!

Ракометната репрезентација на Македонија ја очекува нов голем настан, првпат под воство на Данило Брестовац, а тој како нов селектор ја соопшти програмата за подготовките, која овој пат е различна од досегашните.

Ново е тоа што репрезентациајта нема да држи тренинзи во Скопје две недели пред првенството, а во превод тоа значи дека нема да одржи ниеден тренинг во домашните сали во полн состав. Ракометарите кои настапуваат во Бундеслигата, по традиција, имаат клупски обврски, речиси, до Нова година, а Брестовац потврди дека до тие денови планира да ги одмори и Кире Лазаров, Борко Ристовски и Дејан Манасков, кои исто така настапуваат во силно темпо и доцна во декември.

Независно од нивните отсуства, првиот собир репрезентацијата ќе го има на 21 декември и тоа ќе биде во поширок состав, со неколку млади ракометари, слично на последниов собир кога игравме пријателски средби со Турција, Италија и со Грузија. На 28 и 29 декември ќе играме пријателскиот турнир „Карпати“ во Романија, а потоа следува пауза за Нова година.

Како и досега, тренинзите ќе продолжат на 2 јануари, арно ама сега Брестовац предложи тие да се преселат во Словенија. Репрезентацијата ќе биде таму од 2 до 9 јануари, ќе одигра две пријателски средби, а веќе на 10 јануари го играме првиот меч на ЕП во Виена.

„Тоа е некоја нова пракса, различна од досега, да не бидеме во Македонија непосредно пред ЕП. Мое мислење е да бидеме што поблиску до Австрија, така и полесно ни е да најдеме противници, а и на 10-ти веќе го имаме првиот натпревар“, образложи Брестовац.

На 3 јануари договорен е пријателски натпревар со Словенија, а на 5 јануари против Црна Гора. Првенството ќе го отвориме против Украина на 10 јануари, два дена подоцна играме со Чешка, а на 14 јануари против домаќинот, Австрија.