Ниту Парондо, ниту Брестовац нема да биде селектор на Македонија?!

Еден од најголемите предизвици на Ракометната федерација на Македонија во периодов е избор на нов селектор на машката ракометна репрезентација, откако Раул Гонзалес спогодбено ја напушти функцијата. Се шпекулираше со Роберто Парондо, со Данило Брестовац, но...

Новиот селектор на Македонија мора да биде избран некаде до половината на март, затоа што веќе на 10 и на 14 април играме клучен двомеч со Исланд. Претседателот на РФМ, Живко Мукаетов, даде најава не кој би бил, но кој сигурно не би можел да биде. Рече дека сака новиот селектор да нема клупски ангажман.

„Еден од следните предизвици е назначување на нов селектор на сениорската репрезентација. Јас ќе инсистирам идниот селектор на А-тимот да биде професионалец, кој ќе работи само во федерацијата, на тој начин ќе имаме поголем фокус на работата со репрезентацијата. Мора да го назначиме што побргу, бидејќи во април нè очекуваат квалификации за Европско првенство“ истакна Мукаетов.

Тоа значи дека најочигледните и најгласните кандидати досега, Роберто Парондо од Вардар и Данило Брестовац од Металург немаат големи шанси, освен ако не дадат отказ во клубот. Ова доаѓа откако пред и за време на СП во Германија и во Данска, индиректно или директно беше посочуван ангажманот на Раул Гонзалес во ПСЖ како хендикеп на репрезентацијата. 

Дури и капитенот Кире Лазаров, пред СП, без да покаже прст кон некого, изјави дека досега неколку пати се покажало дека имаме резултатски падови со репрезентацијата кога селекторот ќе се дефокусира од клупски ангажман.