Нема вајлд-карта, Македонија дефинитивно не игра на СП 2021!

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) ги соопшти земјите на кои ќе им додели вајлд-карта за учество на Светското првенство во Египет, во јануари. Македонија не е меѓу земјите среќнички.

Полска и Русија ги добија двете вајлд-карти кои директно носат учество на Мундијалот во Египет, без разлика што во моментов не важи дека имаат посилни репрезентации од македонската. Русите се пласираа на 22., а Полјаците на 21. место на последното ЕП, на кое Македонија заврши 15-та, меѓутоа квалитетот на репрезентацијата не бил главен критериум на ИХФ при решавањето.

„ИХФ доби апликации за вајлд-карта од неколку федерации. При решавање и носење на одлука во целиот процес земени беа предвид генералниот развој на ракометот во конкретната земја, глобалниот ефект врз ракометот кој би го имало доделувањето на вајлд-карта на конкретната земја, но исто така и економските причини, особено во време на Ковид-19“, пишува во објаснувањето на ИХФ.

Македонија и останатите земји кои нема да учествуваат на СП 2021, всушност, не ни добија шанса да се борат за пласман, бидејќи планираните баражи беа откажани, поради пандемијата со Ковид-19. Сепак и да се одржеа, шансите на нашата селекција беа минимални, со оглед дека противник ни беше шесткратниот светски првак, Франција.

Ова ќе биде прв Мундијал кој Македонија го пропушта по пауза од, речиси, цела деценија. Последниот на кој не сме играле беше оној во 2011, во Шведска.