„Нека воведат гол на празна мрежа да се брои два, па да видиме дали ќе играат '7 на 6'!“

Пред натпреварите против Македонија и Хрватска, денеска и утре, во шпанските медиуми многу се зборува за играта „7 на 6“, која нашата репрезентација ја практикуваше против Хрватите и сигурно ќе ја игра и вечерва со Шпанија, а ја милува и Лино Червар. Шпанците велат дека е досадна, а нивните познати тренери предлагаат алтернативи.

Реномираната „Марка“ храбро вели дека Македонија и Хрватска играат, на моменти, здодевен ракомет, кој никој не го сака, но селекторите го почитуваат затоа што им дава тактичка предност.

„Кој ќе ги гледа следните два меча на Шпанија, против Македонија и против Хрватска, ќе гледа нешто што личи на ракомет, помалку динамично, неспектакуларно, дури некогаш и здодевно. Причината за тоа е правилото кое дозволува напад ‘7 на 6’“, пишува колегата Хавер Романо од „Марка“.

Во неговиот текст неколку звучни имиња зборуваат за тоа како не треба да се игра ова правило кое ИХФ го донесе пред околу три години, а дебитираше на ОИ во Рио. Дури и актуелниот селектор на Шпанците, Жорди Рибера, вели дека, од немајкаде, ова наметнато правило ги тера да се прилагодуваат.

„Ова е правило кое ни беше наложено, но кое беше очекувано. Сега е во сила и мора да работиме со него, бидејќи на тој начин, кога противникот игра, имате начини да се браните. Не можеме да го избегнеме. Бараме како да се адаптираме, бидејќи и тоа е елемент од играта и за да биде ефективно, , мора да предизвикува што е можно помалку немир во нашите редови“, вели Рибера.

Интересен е ставот на Хуан Карлос Пастор, тренерот на Пик Сегед, кој упорно го користеше правилото „7 на 6“, минатата сезона кога го победи Веспрем за унгарската титула. И покрај тоа е против ова правило, а има алтернатива како да се спречат тренерите да го користат постојано.

„Најлошото нешто е тоа што се губи ритамот и се губи најважното и најатрактивното во ракометот – динамиката, која нè прави различни од другите спортови. Речиси сите тренери се против ова правило, затоа треба да го сменат, да не дозволуваат повеќе од шест ракометари во поле или, пак, голот постигнат на празна мрежа нека се брои два, па да видиме кој ќе ризикува“, размислува Пастор.