„Не планираме да одиме во Тарагона на плажа, туку да се надигруваме!“

Македонската ракометна експедиција утрово замина за Тарагона, каде што в сабота ќе го почне настапот на Медитеранските игри (МИ). Во пакет отпатуваа и мажите и жените, а слична им е и агендата, почнувајќи со првиот натпревар против Турција и во двете категории. Додека жените имаат поскромни можности во однос на конкурентките, од ракометарите се очекува да покажат повеќе, иако ќе настапат речиси во комплетно изменет состав.

Ова е своевидна Б-репрезентација на Македонија, составена од ракометари кои се млади или, пак, не добиле шанса подалеку од широкиот список на А-селекцијата. Ја предводат Роберто Гарсија Парондо, идниот тренер на Вардар и Александар Царчев, помошникот на Раул Гонзалес во сениорскиот тим. Одбраа 17 момчиња кои ќе ги бранат боите на Македонија, но и ќе имаат шанса да го покажат најдоброто „јас“ и да се препорачаат во првиот тим за идинна.

„Се сеќавам, во малку поминато време, во Југославија имаше Б-репрезентација. Оваа, условно, можеме да ја наречеме токму таква Б-репрезентација или, барем, многу е блиску до тоа. Интенцијата е да се соберат овие момци, да видиме со што располагаме. По една недела работа заедно со Парондо и еве овие неколку тренинга, кои ги одработив јас, можам да кажам само позитивни работи за овие момци. Сите сакаат да се докажат, работат перфектно го сфаќаат системот како треба и што треба да се игра, работат како професионалци“, изјави Царчев пред заминувањето.

Тој ја маневрира репрезентацијата во последниве три дена, откако Парондо замина за родната Шпанија, таму да ги пречека репрезентативците. Филип Кузмановски, Жарко Пешевски, Гоце Ојлески, Мартин Велковски се најискусните, кога се во прашање меѓународните натпревари и тие ќе бидат оската врз која ќе се потпира играта против Турција в сабота и потоа со Србија и со Египет.

„Вакви турнири, како МИ се добредојдени за млади играчи. Во суштина, оваа репрезентација е склоп на млади играчи кои во иднина треба да чукаат на вратата на сениорската репрезентација и оние кои немаат некоја голема минутажа во А-селекцијата. Одиме на еден турнирски систем, каде што ќе одмериме сили со добри репрезентации. Не знаеме со кои состави ќе настапат тие, но многу е важно за овие млади играчи да играат, да имаат силни натпревари за да видиме кој до каде е“, додава Царчев.

Има само една опасност: овие Игри да се сфатат прекомотно и да не се одигра до лимитот на можностите. Царчев веднаш ги разјасни приоритетите. Македонија оди таму за да ја провери својата иднина и ако може да оствари добар резултат. Едно е сигурно - не одат за да лежат на плажа.

„Тарагона е убаво место, јас играв таму две години и го познавам, меѓутоа ние сме спортисти и никогаш не одиме на плажа, туку да се надигруваме. Точно дека одиме без резултатски притисок, но ако ни се укаже шанса за некој подобар резултат, со две раце ќе ја прифатиме. Нема потреба да си ставаме притисок од почеток и да зборуваме за некое големо остварување. Напротив, момците треба малку да се олабават за да го дадат максимумот, што не значи дека ќе одиме со бело знаме. Ако направиме добар резултат ќе биде многу добро, но поважно ни е да покажеме добра игра и да направиме една студиозна анализа, да видиме кој колку може и на кого може да смета А-репрезентацијата во иднина“, разјасни Царчев.