„На Лино му е јасно дека ќе мора да има совршен меч за да нѐ победи!“

Македонија доби град-домаќин според желбите, но противниците за Светското првенство во 2019 година може да бидат незгодни. Тука се европскиот првак Шпанија, непредвидливиот Исланд, како и Лино Червар со Хрватска.

Првите впечатоци за групата се измешани. Целта е најмалку третото место, а има четири сериозни репрезентации кои ќе се борат за пласман понатаму. На навивачите можеби им годи што го добивме најблискиот, Минхен, но играчите сметаат дека групата не е наивна.

„Добивме пред сѐ тешка група, ама противници со кои можеме да играме, по мерка, згора на сѐ, сите ни се стари познаници. Ако е нешто сигурно, тоа е дека ќе биде супер интересно во групата во Минхен. Со малку повеќе среќа и со подршка од навивачите се надевам дека ќе се радуваме на успешно првенство“, вели Жарко Пешевски.

Тој е еден од оние на кои Лино Червар сигурно нема веќе да им биде тренер, па како сака нека се заврши неговата сага со Металург. Пивотот замина во Мотор Запорожје, но школата и искуствата од хрватскиот „маго“ ќе ги има засекогаш. Сега треба да игра против него, две години откако тој седеше на клупата на Македонија. Тој нѐ знае нас, ние го знаеме него, како ли ќе се одвива мечот со Хрватите.

„Ќе биде неизвесен натпревар. Лино многу добро нѐ познава и нас играчите, но но и Македонија. Така што знае дека неговите ќе треба да имаат совршен меч за да нѐ добијат. Јасно му е што значи ракометот и како се доживува секој еден меч во нашата држава.“, рече Пешевски, најавувајќи борба уште сега.

Покрај трите европски противници, во групата на Македонија се и азискиот вицепрвак Бахреин и носителот на вајлд-карта, Јапонија. Првенството ќе почне на 9 јануари, а ќе трае до 27 истиот месец. Групите ќе се играат во Минхен, Берлин, Копенхаген и во Хернинг, а ако Македонија се пласира на едно од првите три места и продолжи понатаму, би вкрстила со најдобрите три од групата А, Франција, Русија, Германија, Србија, Бразил и Кореја.