Мукаетов: Имаме потенцијал за уште подобри резултати, ама без преголема еуфорија!

Претседателот на Ракометната федерација на Македонија (РФМ), Живко Мукаетов изјави денеска по пласманот на ракометната репрезентација на Светското првенство во Германија и Данска дека оваа селекција има потенцијал за уште подобри резултати, но побара да не се прави непотребна еуфорија.

Македонија загуби со еден гол разлика во Клуж (25-26), но пласманот го визираше уште во Скопје пред три дена со убедливиот триумф со осум голови разлика. По пласманот, Мукаетов посочи, дека селекцијата оди чекор по чекор, без преголема еуфорија за остварување на олимпискиот сон каде за виза во Токио, Македонија ќе се бори на претстојниот Мундијал.

„Мислам дека покажавме дека сме подобри од Романија и секогаш е тешко кога вториот меч го играте на гости, во еден ваков бараж. Но ,секоја чест на момците кои одиграа сериозно и својот квалитет го покажаа на терен. Одиме како и досега, максимално сериозно со подготовки за СП, во меѓувреме се дуелите и со Турција и Грција во квалификациите за ЕП, па очекувам добри игри, квалитетна работа и мое мислење е дека оваа репрезентација има потенцијал за уште подобри резултати во иднина“, рече Мукаетов, додавајќи: „ Јас би замолил да одиме чекор по чекор, да не создаваме непотребна еуфорија“