Ептен им го собираме: Досега сме проголтале многу горчини од Германците! (ВИДЕО)

Германија не е од скоро милениче на ЕХФ и Словенија не е единствената која се чувствувала обесправена по дуелите со неа.  Германците се стара болка и за македонската ракометна репрезентација. Досега четири пати се соочуваме на големите првенства и четири пати губиме, а најболен од сите е поразот од Европското првенство во Србија, во 2012 година.

И тогаш игравме во иста група, во првата фаза во Ниш, а по воведното коло, во кое Македонија ремизираше со Шведска, тргнавме кон целосно изненадување против Германија. Фавирутит водеше со 24-23, кога Македонија тргна во последен напад, на 20-тина секунди до крајот. Лазаров се крена и биеше, но топката удри во пречката, во подот и „побегна“ надвор од голот!

Германците си победија, а цела Македонија се крена на нозе со обвинување дека бевме обесправени, дека шутот на Лазаров беше гол, неправедно игнориран. Да се случи такво нешто сега, на ЕП во Хрватска, ќе нема дилеми, бидејќи видео-технологијата во рок од секунди ќе ја покаже вистината.

Ако е само за една линија - добро е! Таму нема лага, се знае каде е топката. Лошо е ако треба да се докажуваме за судиско убедување, како во 2009 година, во истава Хрватска.

Тогаш игравме против Германците во втората фаза, се спротивставивме одлично, со водство од 14-13 по првото полувреме, но радоста не траеше долго. Судиите не само што толерираа груба игра на Германците, туку остро ја санкционираа нашата. Во 46. минута Кире Лазаров доби црвен картон, а на натпреварот ги загубивме и Наумче Мојсоски и Стевче Алушовски поради повреда и на крај загубивме со 23-33.

Ако некој верува во спортска карма, сега е моментот да ни се врати се што ни отиде, а Германците дополнително се „должни“ за сѐ што добиваат по заобиколен пат.