Митревски: На ЕП нема лесни натпревари, ќе мора да се испотиме на секој меч за победа!

Македонската ракометна репрезентација го освои првото место во групната за квалификациите за Европското првенство (ЕП) во 2020, откако славеше против Грција со 27-23, а еден од најдобрите поединци на теренот беше Никола Митревски.

Митревски беше многу добар против Грција, па имаше дури 11 интервенции со што помогна за уште една победа на Македонија.

„Со оглед на временските услови и тоа што го завршивме мечот без повреди, ова е одлично. Добивме еден тежок меч. Грците одиграа квалитетен меч и покажаа дека не се лоша репрезентација. Сепак, како и против Турција пресуди нашиот квалитет за да завршиме  на првото место во групата“, вели Митревски.

Македонскиот голман не сакаше да прогнозира што ќе се случи на ЕП, па смета дека нема лесни натпревари.

„Не треба да се прогнозира уште сега бидејќи не знаеме кои ќе бидат противниците. Секој меч за себе е приказна за себе на Европското првенство. Нема никаде лесни натпревари, исто како и во групната фаза, па затоа ќе мора да се испотиме за победа“, објасни македонскиот голман.