Миркуловски: Добро што нема натпревари, наместо патувања наваму, натаму - ќе се сплотиме!

Како ретко кога, ракометните репрезентативци на Македонија ќе се соберат во малку полабаво темпо. Немаат натпревари „само“ цела недела тренинзи. Како еден од повозрасните, Филип Миркуловски вели дека ова добро ќе им дојде.

Наместо брзање по аеродроми и притисок за натпревар, сега ракометарите на Македонија само треба да го слушаат селекторот Раул и да тренираат. Миркуловски смета дека ова ќе им користи повеќе и од аспект на хемијата и тимската сплотеност.

„Можеби и подобро е вака, бидејќи ќе биде многу порастоварено на тренинзите. Ќе има повеќе дружба, повеќе ќе се работи на атмосферата и на хемијата во тимот, нема да има патувања натаму наваму, ќе бидеме цело време во Скопје, така што мислам дека треба добро да се искористат овие 5-6 дена, максимално да работиме за да бидеме што поподготвени на зима“, вели Миркуловски.

Иако седум месеци е тренер, Раул уште им нема „легнато“ на ракометарите и затоа и од тој аспект тренинзите во „Кале“ ќе бидат значајни. 

„Раул е релативно нов тренер. Со него имавме четири натпревари, но немавме доволно тренинзи, повеќе натпревари отколку тренинзи. Затоа оваа недела ќе ја искористиме за воигрување, за да навлеземе во тактиката на Раул, некои работи да ни станат појасни за понатаму да биде полесно. Можеби нема да воведе нешто ново, некој нов елемент, ние веќе знаеме што бара од нас. Меѓутоа работата е во тоа да го усовршиме што подобро да го работиме. Има некои финеси кои треба да легнат и мислам дека ќе бидеме добро подготвени за јануари“, размислува Миркуловски.