Манасков: Да одиграме добро 30 минути и - го имаме Светското!

Македонските ракометари веќе го одработеа првиот тренинг во Клуж, во салата „Хорија Демјан“ и спокојно го чекаат реваншот со репрезентацијата на Романија, кој ќе почне со минус осум за нашите домаќини. Дејан Манасков не верува дека противникот може да покаже нешто драстично подобро од мечот во Скопје.

Славевме со 32-24 и тоа со уверлива игра и со предност, која достигна и двоцифрена вредност. Тоа може да се гледа како пропуштена можност, но може да се забележи и како аргумент за нашата квалитативна надмоќ во однос на Романците.

„Сигурно дека можат малку повеќе отколку во Скопје, но не мислам дека можат нешто драстично да променат. Можеби ќе бидат малку помотивирани, играат пред домашната публика. Во спортот нормално е да се обидеш, се надеваат и тие и затоа мора да бидеме подготвени на се. Да дадеме максимум утре и само да го потврдиме пласманот на СП“, изјави Манасков.

Треба ли Македонија да има некој посебен рецепт за вечерва или, пак, да ја игра својата вообичаена игра? Манасков смета дека со максимално залагање и предност по првите 30 минути, веќе ќе имаме добиена позиција и, речиси, сигурен пласман на СП во Германија и во Данска.

„Имаме предност од осум разлика и не треба да влеземе во натпреварот мислејќи како да ја одбраниме таа разлика, туку треба да се обидеме да победиме, да одиграме максимално. Мислам дека, ако го отвориме добро мечот, ако бидеме добри во тие први 30 минути, мислам дека можеме да се пласираме на СП“, додаде Манасков.

Натпреварот се игра утре во 17.30 часот.