„Малку ми е криво што не знаеме да се израдуваме на резултатот со Исланд“

Македонија одигра уште еден изедначен натпревар со Исланд, кој овој пат заврши нерешено (24-24). Како што е сега состојбата на табелата и ние и Исланд имаме по пет бода, но ако ние победиме сè до крајот, тогаш ја имаме предноста од меѓусениот дуел за да го освоиме првото место. Оттука, овој резултат е позитивен, но не се чуствуваше така.

Колку и да изгледаше дека сега сме на крилјата на самодовербата и вторпат ќе го победиме Исланд во Скопје, капитенот Кирил Лазаров предупреди дека и овде ќе биде тешко. За тоа му дава кредит на исландскиот селектор Гудмундур Гудмундсон, кој во 2016, во Рио однесе олимписко злато.

„Кажав и пред овој натпревар дека очекувам да биде потешко отколку во Исланд. Играме против селектор, кој стана олмписки првак со Данска, значи на среќа не се станува олимписки првак. Сигурно дека добро ги подготвил и сигурно дека дојдоа во Скопје за да победат. Треба да бидеме задоволни. Да, имавме шанса за победа, но мислам и дека можеше да се случи да загубиме со 4-5 разлика. Кога ќе се собере и одземе сè, во наредните два натпревара ни требаат две победи за да ја реализираме целта, не само пласман на ЕП, туку пласман со прво место во групата, а тоа може да отвори многу можности“, истакна капитенот.

Тој имаше проблематично прво полувреме, во кое не постигна ниеден гол од игра, само два од пенал. Но, затоа во второто погоди шест пати од игра и со осум гола беше најефикасен на дуелот. Неговата игра беше една мала слика за комплетната состојба со нашиот напад, бидејќи постигнавме само 10 гола.

„Јас веќе имам години и затоа, да се пошегувам, сум дизелаш, доцна палам. Во првото полувреме ја скенирав екипата на Исланд, видовме како се однесуваа и во второто олеснив и на другите, на себе. Гудмундсон е олимписки првак, заради него не ни беше лесно“, повтори капитенот.

Сè на сè, изрази задоволство од епилогот, но и од играта. Рече дека му е криво што, поради пропуштената шанса за победа, не се радуваме доволно на успешното реми.

„Мислам дека ваков тип на натпревари многу значат за помладите, како Талески, Кузмановски, играше и Поповски. На вакви натпревари се станува голем играч. Имавме добри моменти, имавме и лоши моменти, важно е дека сме свесни каде грешевме. На добар пат сме во овие квалификации и од нас зависи како ќе завршиме. Треба да бидеме задоволни, мене ми е малку криво што не знаеме да прославиме. Човек треба да знае да процени и да се израдува. Ајде нека легнат импресиите, ќе се израдуваме утре, не само ние туку и целата македонска јавност, на која сме ѝ благодарни и која нè почитува. Кога ќе дојдат луѓе во толку голем број, значи таа репрезентација вреди“, заврши Лазаров.

Следниот натпревар во квалификациите за ЕП 2020, Македонија ќе го одигра на 12 јуни, во Турција и со него, практично ќе го осигура првото место во групата, без разлика што е претпоследен. Последниот е со Грција, во Скопје и таму не треба да има никакви изненадувања.