Македонските надежи завршија четврти во Бугојно

Македонската репрезентација за ракометари до 19 години со пораз го заврши пријателскиот турнир во Бугојно, БиХ. Во натпреварот за трето место, загубивме од Германија со 24-25.

Ова е втор пораз од Германците, со кои игравме и во групната фаза. За разлика од тој натпревар, кој го загубивме со 24-31, овој пат македонските надежи се држеа докрај во натпреварот, сепак без конечен успех. 

Изедначеното прво полувреме заврши со 11-11, а првите 10 минути од вториот дел почнаа одлично за Македонија, па дури имавме и водство од 17-13. Сепак, Германците се вратија, успеаја и да поведат и да ја сочуваат кревката предност до крајот.

Симоноски беше најефикасен во македонскиот тим со седум гола, по пет постигнаа Серафимов и Костески. Ова беше турнир кој покажа дека македонската селекција од 2000 година работи, созрева, се носи со врвните селекции од Европа и со право може да бара висок пласман на кадетското СП, кое летово ќе се одржи во нашата земја.