Македонските надежи моќно го отворија ЕХФ-шампионатот во Летонија

Македонската репрезентација за ракометари до 18 години ја совлада Турција со 33-19 во првиот натпревар од ЕХФ-шампионатот, кој денеска почна во Рига.

Турците држеа ниво со Македонија само во првата половина од првото полувреме, додека резултатот беше 5-5. Оттогаш нашата мрежа остана мирна во следните шест минути и кога Турција следно постигна гол бееше во 18-тата, за да ја прекине нашата серија од 4-0 и да намали на 9-6. Водевме со највисоки седум разлика во првиот дел (13-6), за на пауза да заминеме со 15-10.

Второто полувреме почна со низа од 3-0 за Македонија, па веќе во 42. минута имавме 23-13. Епилогот беше јасен, водството на Македонија растеше и до плус 15, меѓутоа важно за селекторот Раде Стојановиќ беше да се сочуваат силите и да не се замори никој повеќе од тоа што е потребно.

Веќе за 16 часа Македонија ја чека и вториот натпревар, против Косово, утре од 13.00. Факт е дека и тоа ќе биде меч од лесен карактер, ако се знае дека Косово загуби од Летонија со 17-37 во својот прв меч, денеска. Александар Петковски со 10 гола (четири од пенал) беше прв стрелец на натпреварот, но и покрај тоа за играч на мечот беше прогласен голманот Давид Брестовац со 18 одбрани и неверојатна успешност од 52 отсто.