Македонските кадети почнаа со победа на Шампионатот во Грузија

Македонските ракометари до 18 години отворија со победа на ЕХФ-шампионатот во Грузија. Совладана е репрезентацијата на Литванија, за позитивен старт и одржување на зацртаниот пат.

Избраниците на Данило Брестовац ја надиграа Литванија со 32-30, иако во текот на натпреварот имаа и повисока и посигурна предност. Изедначениот почеток беше скршен некаде околу 20. минута, кога Македонија со серија од четири гола поведе со 14-10. Вториот посериозен замав го зададовме пред паузата, за највисоки 19-13 во соблекувалната.

Литванците не го кажаа последниот збор, па во второто полувреме се доближија, прво на минус два (21-19), а во 47. минута и на критични 26-25. Сепак, тука некаде заврши кризата во нашата игра, постигнавме четири гола едноподруго и победата беше обезбедена, без разлика што Литванците до крајот ја скратија негативата.

Со оваа победа, Македонија ја изрази кандидатурата за првите две места во групата А. Најсериозни конкуренти би требало да ни бидат Швајцарија и Луксембург, кои веќе ги запишаа првите победи. Швајцарците триумфираа над Естонија со 33-22, а Луксембург беше подобар од Фарски Острови со 32-26. Следниот меч Македонија го игра со Луксембург, утре во 13 часот.