Македонија во март може да игра два баража со Италија за пласман на СП!

Македонската ракометна репрезентација денеска ги дозна последните три репрезентации меѓу деветте, кои може да ѝ се паднат во првото коло од баражот за СП 2023.

Интересно е што една од трите е Италија, а терминот за бараж-двомечот е 14 и 20 март. Спортската јавност од нашата земја добро знае дека веќе имаме закажано еден бараж за пласман на СП против Италија исто така во март и исто така прво коло, но тој е фудбалски, во Палермо на 24-ти. Би било куриозитет ако и ракометарите ја добијат Италија, па да се спои двојна програма.

За разлика од фудбалерите, ракометарите сигурно би ја посакувале Италија, со оглед на останатите можно ривали. Покрај неа, последниот воз вчера го фатија и Фарски Острови и Белгија, придружувајќи им се на веќе познатите Швајцарија, Романија, Грција, Израел, Естонија и Финска. На последниот викенд од ЕП 2022 ќе биде направена ждрепката за двојките и Македонија ќе ја дознае првата пречка на патот до СП 2023 во Полска и во Шведска.

Баражите се играат по нов систем, според кој Македонија ако го мине мартовскиот филтер, ќе ја чека второ коло, против некоја од селекциите кои на ова ЕП ќе се пласираат од 4. до 15. место (освен двата домаќина и актуелниот шампион Данска).