Македонија со Манасков и со уште тројца нови против Турците

Селекторот Кире Лазаров направи четири замени во однос на натпреварот со Луксембург за денешното гостување кај Турција (16ч.), во квалификациите за Европското првенство во 2024 година.

Како што беше навестено, Дејан Манасков се враќа во репрезентацијата. Определбата да се поштеди во средата беше, очигледно, вистинската, затоа што сега, не само што ќе игра, туку ќе го игра цел натпревар бидејќи е единственото лево крило во составот. И Петар Атанасијевиќ и Цветан Кузманоски отпаднаа од комбинација, како и пивотот Марко Стојковиќ и голманот Марко Кизиќ. 

Нови имиња се уште и Михајло Младеновиќ, Костадин Петров и Мартин Томовски, кој исто така се враќа меѓу првите 16. Со Младеновиќ, Лазаров ќе добие опција плус во одбраната, додека Петров и Томовски се класична замена „позиција за позиција“ на пивот и на голман.

Во првото коло, Македонија го совлада Луксембург со 38-24, а Турција загуби во Португалија со 27-44.