Македонија перфектно ја заврши групната фаза на ЕХФ шампионатот

Македонската ракометна репрезентација до 18 години групната фаза на ЕХФ шампионатот во Грузија ја заврши со максимален ефект од пет победи на исто толку натпревари. 

Момчињата на селекторот Данило Брестовац денеска ја совладаа и Естонија со 26-22 во натпревар кој немаше поголемо значење, бидејќи нашата селекција уште во минатото коло со триумфот на Швајцарија го обезбеди првото место во групата А.

Македонија по првиот дел имаше убедливи девет голови разлика, односно водеше со 16-7, а во вториот дел дојде до пад во играта, бидејќи селекторот Брестовац им даде шанса на сите ракометари. На крајот натпреварот заврши со резултат 26-22. 

Симоноски со седум голови беше најефикасен во нашиот табор, додека Костески и Џигероски постигнаа по четири. Голманот Василевски заврши со 10 одбрани.

Во полуфиналето, кое е закажано за во сабота од 19.15 часот, Македонија ќе игра со второпласираната репрезентација од Групата Б, а тоа ќе биде или Белорусија или Италија, кои во меѓусебен дуел ќе одлучат за конечниот пласман во оваа конкуренција.