Победа низ иглени уши за Македонија во Ескишехир

Македонската ракометна репрезентација запиша уште една победа во квалификациите за Европското првенство 2020, иако исклучително тешко и драматично, со 26-25 против Турција, во Ескишехир. Со ова математички обезбедивме пласман на ЕП, но ги задржавме и шансите за прво место во групата.

Турција водеше во поголем дел од натпреварот, најавувајќи сензација, која сепак, македонските ракометари успеаја да ја сосечат некаде на десетина минути до крајот. Во 49. првпат во вториот дел стигнавме до нерешено, 21-21, а веднаш потоа и поведовме.

Сепак, не беше едноставно Македонија да се одлепи, дури ни кога поведе со 26-24 во завршните две минути. Турците намалија на минус еден, ние не го искористивме нашиот напад, но затоа се одбранивме на 25 секунди до крајот, сметајќи ја тука и интервенцијата на Никола Митревски, кога Пеливан шутна од преку жив ѕид, на завршен натпревар.

Претходно, во првиот дел, изгледаше дека натпреварот фаќа посакуван ритам за македонската репрезентација бидејќи направи +4 веќе до 15. минута (7-3), но работите се сменија драстично во последните 10 минути од полувремето, кога Турција направи серија од 5-0, го презеде водството и на пауза замина со 13-11.

Проблем беа пропустите, пукнатините во нашата одбрана, кои продолжија да се провлекуваат и во второто полувреме, а во око паѓаше и безидејноста во нападот во одредени моменти, која ја разбиваа, најчесто, удари на Кире Лазаров од преку девет метри. Главен проблем за Македонија, покрај борбеноста на Турците, беше и голманот Осмусул, кој го заврши натпреварот со 16 одбрани, за разлика од нашите кои заедно собраа 11 (Ристовски 3, Митревски 8). Лазаров постигна седум гола, Талески пет, а кај Турците, Пеливан беше незадржлив со 10.

Со оваа победа Македонија ја задржа предноста на чело на табелата во групата 3, со 7 бода, колку што ќе има и Исланд, ако ја совлада Грција на гости. Но, поради подобриот меѓусебен дуел со Островјаните, дури и да останеме на исто бодови, ние ќе бидеме први. Потребно за тоа е да ја совладаме Грција в недела, во Струмица.