Македонија на нов ракометен фронт: Кадетите во поход по европска прва лига!

Најмладата македонска ракометна селекција, онаа до 18 години, денеска ќе го почне настапот на ЕХФ-шампионатот во Грузија, кој носи пласман во европската А-дивизија. Данило Брестовац веќе успеа да го оствари тоа како селектор на момците до 20 години, а сега со оптимизам тргна да се надигрува и со ракометарите родени 2000 година или подоцна, за кои овој турнир ќе претставува генерална проба пред Светското првенство во нашата земја, идното лето.

Со репрезентации од понизок калибар и со познат формат на натпреварување, Македонија ќе тргне кон освојување на уште една важна мисија во младинските конкуренции. Ракометарите до 18 години ќе се соочат со Литванија, Луксембург, Фарски Острови, Швајцарија и со Естонија, по тој редослед, со желба за најмалку второ место во групата. Се подготвуваа во Маврово и во Скопје, а дел од нив работеа со Брестовац и во подготовките на повозрасната репрезентација, така што веќе се формира физиономија и препознатлива игра на оваа селекција

„Во Маврово се подготвивме техничко-тактички, има простор И за некои корекции, но тие ќе ги правиме постапно, на шампионатот. Имаме противници кои ни се непознати доволно, оваа генерација е нова на големите натпреварувања. Ние си имаме наша игра, но ќе гледаме да ја прилагодиме колку што е потребно на секој противник. Мора да одиме чекор по чекор, в петок прво Литванија, в сабота Луксембург...“, вели селекторот Брестовац. 

И за него Шампионатот кој неодамна заврши во Скопје беше нов момент, практично, дебитираше на голем настан како селектор и веднаш се соочи со најголемиот проблем - физичката издржливост. Во ваков напорен турнирски систем младинците успешно ја изменаџираа кондицијата, сега ќе треба да го направат истото и помладите нивни колеги.

„Девет дена се и седум натпревари, напорно е и турнирот е сериозен, ќе видиме како ќе издржиме на физички план. Ќе биде тест за сите нас, и за играчите и за мене. Еве во подготвителниот период Луксембург ја победил Словачка. Ако планиравме да тактизираме и можеби малку да одмориме во мечот со него, в сабота, сега не смееме да си го дозволиме тоа, гледајќи какви сигнали ни праќа овој резултат“, објаснува Брестовац.

Ова е возраст во која малку работи се дефинитивни. Талентите може да останат само тоа, ако со нив не се работи и обратно, некој што сега е во сенка со многу работа за две-три годни да стане добар ракометар. Брестовац посочи еден неслучајна шема која ни се случува во младинскиот ракомет во последниве години, посакувајќи оваа генерација да биде понапредна од своите претходници.

„Ако анализираме, генерацијата 1994 (Манасков, Маџовски, Дрогришки...) најдобрите резултати ги постигна во својата последна година, кога се пласира на ЕП. Генерацијата '96 (Талески, Кузмановски, Нелоски) својот најдобар резултат го постигна на СП во Алжир, кога го освои шестото место, во својата последна младинска акција. Овие од 98. година најдоброто издание го имаа на својот последен натпревар, во финалето со Белорусија сега во Скопје. Се надевам дека со оваа 2000 генерација нема да ја чекаме последната година за да го ожнееме тој резултат и дека ќе почнеме веднаш да покажуваме. Оваа генерација ќе има ретко право да игра на три големи натпреварувања за кратко време, а веќе бевме присутни на неколку турнири, благодарение на РФМ, така што момците имаат почувствувано меѓународно конкуренција. Очекувам вистинското лице да го покаже на СП во Македонија, идното лето, но и на овој Шампионат, не можам да ветам ништо, но одиме да победуваме“, посака селекторот.

Македонија почнува денеска, во 13 часот против Литванците, а во нашата група главни конкуренти за врвот би требало да бидат Швајцарија и Фарски Острови. Првото и воторото место од двете групи формираат полуфинале, а потоа само победникот се пласира во европската прва лига.