Македонија ќе одеше на СП ако ИХФ имаше правила, а не мафијашки тертипи!

Меѓународната ракометна федерација (ИХФ) денеска ја уби и последната реална надеж на Македонија за пласман на Светското првенство во 2021 во Египет, доделувајќи ги двете вајлд-карти на Русија и на Полска. Црвено-жолтата репрезентација остана „да се крсти“ само во теоретски правилници со поминат рок.

На веб-страницата на ИХФ не постои обновен официјален правилник за Светско првенство. Последниот актуелен е оној стариот, со 24 учеснички, оттука задолжително е пред да ги разгледаме теоретските шанси на Македонија да нагласиме дека сите појдовни точки се врз база на правилникот за старите Светски првенства. Во него во неколку чекори објаснето е зошто Македонија има правна основа да се надева на учество на Мундијалот во Египет.

Вели, на континенталниот турнир за дополнителните места за СП, во случајов тоа е Јужна со Средна Америка, за четири визи за СП, „мора да учествуваат најмалку осум репрезентации или, пак, двојно репрезентации од визите за СП, кои се достапни (4 визи, по два еднакво на осум). Ако тој услов не е исполнет, тогаш континентот ќе загуби една од визите за СП и таа ќе му биде доделена  континентот на светскиот првак“.

Светски првак е Данска, а од европскиот континент, Македонија е најдобро рангираната селекција (судејќи по последното ЕП), која уште не е квалификувана за СП. Оттука, ако квалификацискиот турнир на Јужна и Средна Америка не ги исполни условите за одржување, по теорија тоа место за СП треба да биде пренасочено кон Македонија.

Но...

Јужна и Средна Америка веќе го имаа официјалниот квалификациски турнир за пласман на СП, тоа е првенството кое се одржа од 21 до 25 јануари, прво без Северна Америка и Карибите. На тоа првенство учествуваа шест репрезентации, што значи две помалку од пропишаното правило?! ИХФ тогаш не го примени правилото, туку на СП се пласираа половина од учесниците (Аргентина, Бразил и Уругвај), а за четврата пропусница за СП „измисли“ нов турнир наречен Турнир последна шанса.

Тој требаше да се одржи во јуни, но секако, поради коронавирусот беше одложен за периодот од 19 до 25 октомври. Ќе се одржи во Ел Салвадор, а освен домаќинот и Чиле тешко се наоѓа некаде кои се другите земји учеснички. По теорија, доволни се и две за да се исполни правилото од погоре, зашто на тој начин вкупно осум селекции се бореле за двојно помалку визи за СП, така што тој елемент Латиноамериканците ќе го исполнат.

Но, дури и да не се одржи тој турнир по таа основа или, пак, биде одложен поради нов налет на пандемијата со Ковид-19 никој никаде не гарантира дека тоа преостанато место за СП ќе му биде пренаменето на континентот на Светскиот првак, поточно на Македонија. Ако ИХФ досега имаше воопшто намера да следи правила, имаше основа да ги лиши Јужна и Средна Америка од оваа виза уште во јануари. ИХФ очигледно упорно сака таа четврта виза да остане кај земја од Јужна или Средна Америка, бидејќи досега имаше и генерално собрание и вонредни одлуки и одложувања и откажувања при кои можеше да пресече и да донесе одлука, наместо да го чека октомври, три месеца до СП.

Ако Турнирот последна шанса не се одржи поради коронавирусот, ИХФ или, пак, федерацијата на Јужна и Средна Америка, едноставно со дискреционо право ќе ја доделат преостанатата виза (на пример) на Чиле, како што тоа ЕХФ го направи со европските баражи. И европската и светската куќа на ракометот во многу наврати досега покажале дека не мора да постои правило за некоја агенда да биде истуркана, оттука, реалните шанси за Македонија да игра на СП 2021, освен ако немаме резервација во агендата на големците - се еднакви на нула.