Македонија има еден конкурент помалку за полуфинале: Словенците „изгореа“!

Допрва ќе гори битката за бодови во групата во Вараждин, а по Германците, својата сериозност во трката по полуфинале вечерва го истакна и репрезентацијата на Данска. 

Во дуелот со Словенија, Данците славеа со 31-28 и со тоа ја отпишаа од борбата за полуфинале, оставајќи ја на еден бод и по првиот одигран меч во Вараждин. Ако се праша Македонија, подобро ќе беше да победи Словенија или, барем, овој натпревар да заврши нерешено, но ако ништо друго, вака останува јасно дека походот продолжува со еден конкурент помалку.

Данците вечерва беа подобри од Словенија, не толку видливо во првото полувреме и веќе сосема јасно во второто. Дури и кога не беа на највисокото свое ниво, имаа контрола на теренот. Беа многу брзи во транзицијата, не им дозволуваа на Словенците лесно да организираат полуконтра и контра, а во нападот многу поедноставно доаѓаа до шанса за гол.

Мајсторски ја „работеа“ зоната на Веселин Вујовиќ, уништувајќи ја словенечката мрежа од крилните позиции. Тоа им носеше минимална предност во текот на првиот дел, а 16-14 на паузата и многу покомотна во вториот дел. Кога дојдоа на 30-26 на четири и пил минути до крајот веќе беше јасно дека бодовите одат кај Данска.

Левото крило, Ласе Сван беше играч на натпреварот, со 11 гола, а кај Словенија Миха Зарабец предводеше со шест, а Блаж Јанц имаше пет од пет. Данска сега се проби на прво место на табелата, со четири бода, колку и Германија, но Македонија својот меч од првото коло го игра в недела, од 20.30 часот, против Шпанија.

 

ГРУПА 2

1. Данска 4

2. Германија 4

3. Македонија  3 (-1)

4. Шпанија 2 (-1)

5. Чешка 2

6. Словенија 1