Македонија го расплака Пасквал: Тренерот на Барса си оди од Романија!

Романската репрезентација не успеа да направи сензација во баражот со Македонија и покрај тоа што нѐ совлада со 26-25 на реваншот од мундијалскиот бараж. Нашиот успех беше сигнал за Чави Пасквал да си оди од кормилото на Романија.

Романците беа свесни за односот на силите со Македонија, сепак потајно се надевале дека ќе се вратат на големата сцена. Кога ги удри реалноста по лице, Пасквал реши да си замине од клупата. На прес-конференцијата по мечот, имаа заедничко обраќање со Александре Деду, претседателот на Романската ракометна федерација и Шпанецот со насолзени очи соопшти дека му е тешко, но мора да си оди. Причина за тоа било продолжувањето на договорот со Барселона.

„Бидејќи ќе имам обврски и во репрезентацијата и во клубот, нема да можам да ги извршувам понатаму и двете функции. Имам само благодарни зборови на играчите и на сите вклучени. Можеби ракометарите ги немаат резултатите кои сите ги очекуваат, но земјата е горда на нив. Им благодарам и на сите од мојот стручен штаб, бидејќи не е лесно да се работи со мене. Како што вели жена ми, јас сум комплицирана личност. Луѓето од Федерацијата знаат дека можат да продолжат да сметаат на помош од мене. Благодарност и за мојот клуб, кој ми дозволи да го имам ова искуство. Благодарност на сите Романци, останете силни, направивте и јас да се чувствувам како Романец. Мене ми е тешко што се повлекувам.“, рече Пасквал

За натпреварот, призна дека се соочи со посилен противник и ѝ честита на Македонија.

„Честитки за Македонија. Во овие два меча беше подобра од нас. Денеска ни беше тешко, се обидовме да победиме, да ги изненадиме со некои нови опции, но тие едноставно беа подобри“, додаде тренерот на Барса.