Македонија е во полуфинале: Триумф над Фарски Острови во последната секунда!

Македонските ракометари до 18 години се пласираа во полуфиналето од ЕХФ-шампионатот во Грузија со денешната победа над Фарски Острови, трета на турнирот, по три кола.

Ги совладавме Фарски Острови со 30-29 со гол, буквално, во последната секунда, откако претходно Марко Кизиќ одбрани седмерец и ја извлече Македонија од канџите на поразот. Останаа уште осум секунди до крајот, Данило Брестовац побара тајмаут, а потоа не беше толку тешко да се направи вишок, со оглед дека Островјаните имаа исклучен играч. Акцијата беше „ала Чупиќ“, онаа со која Вардар постигна гол во последните секунди за да го совлада ПСЖ и да стане шампион на Европа, а овој пат реализатор беше Ненад Костески, кој беше прогласен и за играч на мечот.

Претходно Фарски Острови многу долго водеа, особено во второто полувреме. Постојано имаа плус два, а Македонија бркаше. Тоа се должи на многуте грешки во нашиот напад, но и на извонредниот голман Јакобсен, кој секогаш бранеше токму кога требаше да земеме замав. Последно изедначивме на 26-26 во 55. минута и оттогаш, со игра гол за гол, стигнавме до победа.

Претходно, во првиот дел, Македонија покажа дека е поквалитетна од Фарски Острови, водејќи со 16-12 во еден момент, со лесна и разнобојна игра во нападот. Сепак, периодот на грешки почна уште овде, па набрзина примивме четири гола за 16-16 на паузата. На крај Серафимов заврши со девет гола, а Костески додаде шест, додека Кизиќ имаше 13 интервенции.

Со новите два бода нашата кадетска репрезентација дојде до шест, колку и Швајцарија, но за разлика од Швајцарците ние теоретски сме во полуфинале. Нам ни останува дуел со нив, утре во 11 часот и со аутсајдерот Естонија, а тие покрај дербито со нас треба да играат и со Фарски Острови, кои се уште имаат теоретски шанси.