Македонија е подготвена за нов Шампионат, Брестовац верува во момците!

Македонската ракометна иднина доаѓа до нов испит. Ако генерацијата на Талески и Кузмановски се прости од младинската сцена со шесто место на СП У21 во Алжир, тогаш момците кои ги наследија, имаат обврска, барем, да ја внесат Македонија во првиот ешалон репрезентации во Европа. Токму тоа е целта на ЕХФ-шампионатот кој утре почнува во Скопје.

Новиот концепт на ЕХФ бара од Македонија да се помачи за да се качи во таканаречената А-дивизија на стариот континент. Мора да поминеме преку Шампионатот, во кој, на хартија, има конкуренти кои се послаби. Данило Брестовац ќе ја поведе репрезентацијата во групата Б, против Велика Британија, Италија, Украина и против Швајцарија, со задача да го освојат едно од првите две места, за да изборат полуфинале. Почнуваме утревечер против најслаборангираните - Британците.

„Фокусирани сме на отворањето на шампионатот, обично првиот натпревар е најтежок. Е сега, ние имаме послаб противник, па се надевам дека сè ќе помине во најдобар ред. Се подготвуваме и психолошки, само да сме мирни во главите и ќе биде супер“, очекува преспективниот македонски тренер.

Самиот ја одбра оваа група, кога можеше да ја смести Македонија и во А-конкуренцијата, каде што се Белорусија, Фарски Острови, Финска, Грција, Естонија, Литванија - не многу познати ракометни сили. Вели дека ако го минеме потешкото во групата, потоа треба да сме уште посилни.

„Од нашава група очекувам Швајцарија и Украина да ни бидат сериозни противници. Јас намерно ја одбрав оваа, условно потешка група. Можеби секој ќе ја одбереше другата, но се решив вака, затоа што ова е групна фаза, полесно би коригирале некој кикс сега, отколку во полуфинале. Плус тоа, во оваа група има помалку екипи, а и добар ни е распоредот. Прво коло играме, па слободни сме три дена и имаме време за уште една дополнителна анализа и подготовка“, размислува Брестовац.

Тој стана селектор на младинската и кадетската репрезентација лани во септември и оттогаш темелно ѝ се посвети на нашата ракометна иднина. И двете селекции ги понесе на неколку турнири во странство, како што вели, за сами да почуствуваат дека и надвор се игра ракомет. За овој Шампионат се подготвуваше со 24 ракометари во Скопје и во Маврово и вели дека момците се подготвени, иако има простор за корекција.

„Малку ме плаши тоа што немаа некоја голема минутажа во клубовите, тоа автоматски значи помала километража во нозете. Меѓутоа, долго време сме заедно веќе, се разбираме, а тоа е најважно. Подготовките поминаа добро, но морам да истакнам дека обичниот тренажен процес не е доволен. Момците мора да сфатат дека за врвен спорт неопходно е секој да работи на себе и надвор од тој тренинг. Важно е сè, дополнително посветување на телото, вежбање, исхрана...“, смета Брестовац.

Македонија почнува утревечер во 20 часот против В. Британија, а претходно, од 18, во нашата група ќе се сретнат Украина и Швајцарија. Првите две места од двете групи вкрстуваат во полуфинале, а само победникот обезбедува пласман во првиот европски ешалон, идентично како и турнирот кој паралелно ќе се игра во Црна Гора.