Македонија е подготвена: Раул извади еден пивот и еден голман!

Раул Гонзалес ги одреди 16-те ракометари кои ќе го почнат Светското првенство денеска (15.30) против Јапонија и, најверојатно, ќе играат во текот, барем, на првата фаза по групи.

Ќе играме без трет пивот и без трет голман, отпаднаа Милан Лазаревски и Златко Даскалоски. Оваа одлука беше очекувана со оглед на тоа дека Лазаревски не ни беше планиран да патува во Минхен, влезе во последен момент, откако се повреди Димитар Димитриоски.

Даскалоски, пак, е трет голман и за очекување беше да остане во втор план, во однос на Борко Ристовски и на Никола Митревски.

Правилата на ИХФ велат дека може да се направат три замени на ракометари во текот на првенството и тоа во секој момент. Исто така, може да се случи, ако еден ракометар е изваден од 16-те, потоа повторно да биде вратен во првиот список.