„Македонците в лице ти се умилкуваат, а во исто време ти забиваат нож во грбот!

Некогашната ракометарка на Кометал Ѓорѓе Петров и репрезентативка на Македонија, Марина Наукович Ламбевска, која беше позната по својата корпулентност и екстремно силен шут, во интервју за руските медиуми се потсетува на времето минато во нашата држава.

Таа за „Брз центар“ објаснува многу задкулисни работи што се случувале во националниот тим, но и сопствената перцепција за македонскиот народ.

„Не сакав да си одам од Подравка, но имав потпишано преддоговор со Кометал Ѓорче Петров. Бев подготвена да им ги вратам парите на Македонците за да останам во Хрватска, но тие не се согласија. Набрзо по моето доаѓање, Кометал остана без спонзор и се распадна. Во Скопје играа ракометарки од поранешен СССР и сѐ беше нормално до тој ден, кога од клубот си замина спонзорот, па во екипата останаа само домашните ракометарки“, вели Наукович.

Ракометарката која играше на левата бековска позиција истовремено откри зошто прифатила да игра за Македонија, како и фактот што странците не биле баш пријателски прифаќани во националниот тим.

„Тогашниот селектор на Русија не повикуваше ракометарки кои не играа во тамошното првенство, па така се решив да заиграм за Македонија. Но, тоа не беше лесно. Домашните ракометарки сметаа дека играчите од СССР им ги земаат местата, па имаше конфликти. Таков е македонскиот менталитет, се сметаат за најдобри во сѐ, а странците не ги сакаат. Тие в лице ти кажуваат убави работи и ти се умилкуваат, а во исто време ти забиваат нож во грбот“, објасни Ламбевска.

Русинката во дресот на Кометал ЃП настапуваше во периодот од 2006 до 2008 година, а покрај Подравка има играно уште и за АКВА Волгоград, Лада Тољати, Динамо Синара, Кубан Краснодар и Астраханочка.

Наукович Ламбевска престојот во Скопје ќе го памети и по несреќата што ѝ се случи на 30 декември 2007 година, кога падна од шест спрат во отворот за скали во зградата каде што живееше, по што само чудо ѝ го спаси животот. Таа успеала да се задржи за еден од гелендерите два спрата подолу, по што мина со три набиени ребра, набиено белодробно крило и хематоми по телото, поради што повеќе од еден месец не можеше да настапува за кометалки.