Лино: Хрватите ќе навиваат за Македонија, посебно на мечот со Словенците!

Додека престојува во Македонија, до понеделник, Лино Червар го прашавме каква е атмосферата во Хрватска и дали полека се „билда“ возбуда за Европското ракометно првенство во јануари. И самиот возбуден, најави дека очекува многу публика од Македонија, но и од околните земји. А Хрватите, тие ќе навивале за нас.

На ЕП во Хрватска, Македонија ќе игра во Загреб, во групата со Германија, Словенија и со Црна Гора. Во секоја друга ситуација, првенство во реигонов за нас занечело и ќе значи настап како на домашен терен, арно ама сега ние сме најоддалечената земја. Од Загреб до Скопје има нешто над 800 километри, но на Словенците им е „во двор“, Црногорците се поблиску од нас, а јужната граница на Германија е на 500 километри до хрватската престолнина. Меѓутоа, Лино Червар вели, не се секирајте, Хрватите ќе навиваат за нас.

„Бидете сигурно дека Хрватите ќе навиваат за Македонија. Словенците ни се соседи, но публиката не е нешто воодушевена, особено по нашите последни пријателски средби, кои не беа многу пријателски“, открива Червар во разговорот со Спорт1.

Во 2009 година, кога Македонија се врати на големата сцена, во мундијалската група во Вараждин, беше вистинска фешта во црвено и жолто, а се очекува и сега да има доста публика. Се разбира, фактор за тоа ќе бидат и резултатите. Ако, на пример, Македонија слави во премиерниот меч со Словенија, на 13 јануари, сигурно многу луѓе ќе ги сменат плановите за на 15 против Црна Гора и на 17 јануари против Германија. Во Загреб, вели Лино, оечкуваат многу публика.

„Од тоа што разговарав во Хрватска, во 'Загрепска арена' очеуваат многу публика, барем 8.000 на секој натпревар. Јас верувам дека ќе дојдат многу Македонци, Словенци секако, а немој да мислите и дека Германците нема да дојдат. Ќе биде интересно“, вели селекторот на Хрватска.

И сигурно не е далеку од вистината Лино Червар, бидејќи билети веќе, речиси, нема во онлајн-продажбата, па останува на умешноста на агенциите да ги привлечат заинтересирани навивачи, а такви ќе има многу.

Червар е во Скопје до понеделник, но го води Металург само на тренинзите. На саботниот натпревар со Мотор ќе седи на трибините.