Лазаров: Во Битола ќе има одлична атмосфера, таму знаат ракомет!

Кире Лазаров ќе ја поведе Македонија во уште еден циклус за пласман на голем ракометен собир. Овој пат првпат Европското првенство ќе прими 24 репрезентации, па тоа му дава слобода на капитенот уште сега да нѐ прогласи за фаворити за пласман. Смета дека тоа што играме со полесни противници, како Турција и Грција, е шанса за младите да се докажат.

Македонија цели 15 години не играла во Битола, во градот кој донел големи ракометни победи во времето кога и Кире Лазаров се раѓаше како ѕвезда, токму во зелено-белиот дрес на Пелистер. Речиси две децении подоцна, Македонија може да се пофали со многу побогато досие од меѓународните натпреварувања, а Лазаров повторно е во црвено-жолтиот дрес, сега и со менторска улога кон младите кои треба да го наследат. Смета дека Турција (в четврток) и Грција (в недела) се идеална шанса за тие да се покажат.

„Знаеме дека во 2020 првпат ќе учествуваат 24 репрезентации на ЕП и тоа ми дава слобода да кажам дека уште сека може да се прогласиме за фаворити за пласман. Сепак, во следните два натпревара треба да влеземе со максимален респект, ако сакаме да сметаме на максимални четири бода. Покрај нас искусните, кои сме долго време во репрезентацијата, младите играчи треба да преземат поголема одговорност и со тоа да се подготват самите себе, а и целата репрезентација, за да можат на СП во јануари, во Германија, да преземат многу поголема улога. Овие два меча ќе им дојдат многу добро за да можат да ја кренат својата самодоверба, затоа треба да се искористат. Сигурен сум дека ќе не очекува одлична атмосфера во Битола, таму го знаат ракометот и затоа мислам дека оваа недела треба да ја искористиме како добра подлога за она што не очекува во јануари“, вели Лазаров.

Можеби добро е што отвораме на домашен терен и тоа против Турција, која преживува смена на генерации. На тој начин ќе се крене уште на стартот атмосферата во националниот тим, сигурно стимулирана од атмосферата која ќе ја понудат Битолчани во салата „Боро Чурлевски“.

„Секогаш сме поминувале добро со Турција, но знаеле да пружат добри натпревари. Сепак, ние треба да се гледаме самите себе, да се подготвуваме и да пробуваме нови работи. Како што кажав, младите треба да преземат поголема одговорност и да се подготвуваат за СП. Многу пати досега ни се случило за еден подобар успех да ни треба подолга клупа и поширок ростоер и мислам дека овие два натпревара се идеална шанса за да ги добиеме“, дополни капитенот.

Македонија ќе тренира во „Борис Трајковски“ овие два дена, а од среда ќе се сели за Битола. Мечот со Турците е в четврток во 20.15 часот, а со Грција играме в недела, во Кожани, во 16.