Лазаров: Утре е нашето финале – ќе видиме дали ова вечерва било за добро или лошо!

Капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров по денешниот пораз од Шпанија во кој Македонија одигра со прв тим само 35 минути, изјави дека утре ќе се покаже дали ова што се случи денеска било за – добро или лошо.

Лазаров посочи дека ако нешто е добро во овој пораз е фактот дека Македонија мечот го загуби на стартот на вториот дел и дека барем можеле да се сочуваат силите за утрешната пресметка со Исланд која е – финале за нас.

„Одигравме квалитетно прво полувреме во кое како што реков не влеговме со калкулации Требаше според играта и шансите, да водиме со 3-4 разлика во првиот дел, но тие шанси не ги искористивме. Во второто полувреме, едноставно се случи тоа што се случи и сега времето ќе покаже, а утре ќе видиме дали е за добро или лошо. Утре за нас е финале со Исланд и ако е нешто добро, тоа е што ја задржавме свежината. Може да бевме во егал до 59-та минута и да загубевме. Вака, сега да го заборавиме што побргу ова денеска, да се смириме и утре да го дочекаме тој меч“, рече Лазаров.

Капитенот посочи дека Макеоднија уште еднаш покажала дека не калкулира на ниту еднен меч и додаде дека Исланд е незгодна селекција, но најави дека тој и ракометаррите ќе дадат сè за да победат.

„Ние на секој меч тргнавме на победа и тоа е за пофалба. Не отидовме за ниту еден меч во некаква калкулација, дека еден ќе биде добиен, овој изгубен... За нас утре е главниот дуел. Колку што ги гледав Исланѓаните, тие досега покажаа кваитет, добра селекција се, имаат играчи кои играат во добри клубови. Доста незгодни се, типични Скандинавци. Ќе биде тешко, но ќе дадеме сè од себе за пласман во  'топ 12'“, додаде Лазаров.